Македонија непоразена против БиХ на пријателскиот натпревар во Сараево

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра без голови против селекцијата на Босна и Херцеговина на пријателскиот натпревар во Сараево, во дуел во кој двете репрезентации имаа свои шанси, но не успеаја да ја затресат противничката мрежа.

За Македонија ова беше второ реми по ред со резултат 0-0, откако избраниците на Гоце Седлоски претходно останаа непоразени и на гостувањето кај Република Ирска во Даблин. Натпреварот во Сараево ќе остане запаметен и по дебитантските настапи на Омерагиќ, Аломеровиќ, Јанкулов и Анѓелески во националниот дрес. Босанците, пак, ќе бидат дел од Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

Првата сериозна опасност ја создадоа домаќините уште во четвртата минута. Алајбеговиќ се ослободи од својот чувар и шутираше од дваесетина метри, а топката по блокот заврши во гредата од голот на Столе Димитриевски.

По подолг мирен период, БиХ повторно се закани во 30. минута. Алајбеговиќ продре по левата страна и шутираше откосо, но Димитриевски одлично интервенираше и ја сочува својата мрежа.

Најдобрата можност за Македонија дојде само три минути подоцна. По грешка на босанската одбрана, Бојан Миовски се најде сам пред голманот Зломислиќ и се обиде со лоб-удар да го совлада, но дефанзивецот Стјепан Радељиќ со пожртвувана реакција расчисти непосредно пред гол-линијата.

Во 37. минута Гиговиќ испрати силен удар од далечина, но Димитриевски повторно беше сигурен.

Во самиот финиш на првото полувреме, Баждар со удар со глава ја погоди стативата, па и покрај двете погодени рамки на голот од страна на домаќините, на одмор се замина без голови.

Во вториот дел двајцата селектори извршија голем број измени, што влијаеше на ритамот на играта и донесе помалку возбудувања пред двата гола.

Најзрелата шанса во продолжението ја имаше Ермедин Демировиќ во 69. минута, кога шутираше откосо од десната страна, но топката заврши покрај дирекот.

До крајот, БиХ се обидуваше да стигне до победнички погодок, но македонската одбрана остана цврста и организирана, па натпреварот заврши со почетните 0-0.