Македонија подготвена за ЕМОФ Скопје 2025, Скопје и Куманово местата каде ќе се одржат натпреварите

Денес беше одржана Прес-конференција на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) на која беа споделени деталите околу последните подготовки за организација на Европскиот Младински олимписки фестивал 2025 во Скопје. Овој спортски настан ќе се оджи во Скопје, а ќе има натпревари кои ќе се одржат и во Куманово од 20 до 26 јули оваа година.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, ја истакна важноста на ЕМОФ Скопје 2025 како најголемиот спортски настан во историјата на Македонија и како клучна можност за развој на младинскиот спорт.

„Станува збор за исклучително голем настан – најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме речиси 4.000 учесници, вклучително спортисти, тренери, официјални лица и логистички персонал. Во Скопје и Куманово ќе биде присутен целиот европски младински спортски крем, односно младите спортисти кои што ќе бидат најголеми ѕвезди на следната летна олимпијада во Лос Анџелес. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. На спортски план, Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти, а како домаќини имаме загарантирано учество во сите спортски дисциплини. Ова ни овозможува да се вклучиме и во спортови кои дури сега почнуваат да се развиваат кај нас и да лансираме цела нова генерација спортисти на возраст од 15 до 18 години – генерација што ќе созрева во годините што следат. Со тоа, имаме реална шанса да направиме вистински рестарт на младинскиот спорт во државата“, изјави Димевски.

Во пресрет на најголемиот младински мултиспортски настан на Стариот континент, Скопје и Куманово се во финалната фаза на подготовките за организација на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули оваа година. По тој повод, на 8 и 9 април, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи традиционалниот Chefs de Mission семинар, каде што претставници од 49 национални делегации ќе имаат можност да се запознаат со организациските аспекти на фестивалот, спортските и логистичките капацитети, како и со самите градови-домаќини.