Македонија ремизираше во Брегенц, Кузмановски од седмерец автор на клучниот гол

Ракометната репрезентација на Македонија одигра нерешено, 30-30, против Австрија на единствениот контролен натпревар во мартовкста ЕХФ-недела. Селекторот Кирил Лазаров во Брегенц поведе комбинирана селекција и без неколку искусни ракометари, но нашиот национален тим одигра одличен меч против соодветната австриска селекција, водена од Икер Ромеро. Македонија имаше водство во поголемиот дел од натпреварот, а кон средината на второто полувреме и од четири гола разлика.
На полувремето беше 15-15, а во вториот дел нашите ракометари брзо се вратија во водство и дојдоа до 20-24. Австријците во 59. минута израмнија на 29-29, а потоа дури и поведоа. Сепак, Македонија се спаси од пораз со гол на Филип Кузмановски од пенал во последната секунда од мечот.
Капитенот Кузмановски беше и најефикасниот ракометар на натпреварот со десет гола. Пет погодоци постигна Марко Митев, а по трипати стрелаа Велковски и Николов.