Македонија слави во Луксембург и со „шест од шест“ ги заврши претквалификациите

Македонската кошаркарска репрезентација со шест победи од шест натпревари ја заврши првата фаза од претквалификациите за Европското првенство 2029. Попладнево избраниците на селекторот Берокал славеа и на гости против Луксембург со 66:80.
Иако пласманот во следната рунда беше веќе обезбеден пред овој дуел, селекторот Жозеп Марија Берокал одлучи да настапи со комбиниран состав. Во тимот не беа Андреј Јакимовски, кој не допатува, како и Војдан Стојановски, кој не доби минутажа. Шанса добија повеќе млади и играчи со помала минутажа, како и новото странско засилување Нејт Сестина.
Најефикасен во македонскиот состав беше дебитантот Сестина со 18 поени, а веднаш зад него следуваа Виктор Ташовски со 16 поени, Стојан Ѓуроски со 13 поени, како и Валмир Какруки и Виктор Ефремовски со по 12 поени.
Македонија втората фаза од претквалификациите ќе ја започне кон крајот на август, а ривалите во групата ќе ги дознае на ждрепката што ќе се одржи на 15 јули во Минхен.