Македонија спремна за Европското У17 првенство во борење

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денес оствари средба со претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, со тренерите и со младите македонски борачи што ќе настапат на претстојното Европско кадетско првенство во борење (У17), кое ќе се одржи од 9 до 15 јуни во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ристовски изрази поддршка за младите македонски борачи и истакна дека организацијата на едно европско првенство од ваков ранг претставува големо признание за македонското борење и за македонскиот спорт.
„Изразувам силна поддршка за нашите млади борачи и за целокупната организација на првенството. Важно е младите спортисти да чувствуваат дека државата стои зад нив, особено кога настапуваат дома, пред домашна публика. Овие млади борачи се гордост на Македонија и верувам дека на претстојно Европско првенство ќе се претстават во најдобро светло“, изјави министерот Ристовски.
На Европското првенство ќе настапат 800 натпреварувачи од 40 држави. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 18 борачи – по 9 во машка и 9 во женска конкуренција.