Македонија ЃП лесно го надигра помладениот Шкупи

Младиот состав на Шкупи не успеа да им одолее на силните напади на домашната екипа на Македонија Ѓорче Петров, запишувајќи го вториот убедлив пораз во пролетниот дел од сезоната (3-0).
Одбраната на гостите издржа само 11 минути, пред ударот на Хамзиќ од пет метри кој заврши во мрежата на Шкупи. Само девет минути подоцна, Гереро ја зголеми предноста на 2-0, лобувајќи го противничкиот голман од околу 18 метри.
Најубавиот момент во првиот дел се случи во 29-тата минута, кога Софијаноски со прецизен удар од 18 метри погоди во небранетиот агол на голманот Мелиќи.
Домаќините имаа шанси за уште два гола, но Гереро не беше прецизен, додека обидот на Али Адем беше сопрен од Фадили на самата гол-линија.
Пред самиот крај на првото полувреме, Ферати со глава се обиде да совлада Јанков.
Во второто полувреме, први се заканија гостите преку Рифадов, кој упати силен удар, но голманот Јанков беше на вистинското место. Во 61-вата минута, Хамзиќ ја погоди пречката по еден корнер. Во 74-тата минута, домаќините пропуштија шанса за четврти гол, откако гостинскиот голман Мелиќи успешно ги одбрани обидите на Галевски и Лазаревиќ. Во последната минута, и Еступиан беше сопрен од Мелиќи на самата гол линија.
Во следното коло, Македонија Ѓ.П. ќе го пречека Тиквеш, додека Шкупи ќе се сретне со Арсими.