Македонските ветерани ја совладаа Бугарија во хуманитарен натпревар во Варна

Фудбалот е спорт кој секогаш обединува и носи насмевки на лицата на огромен број фанови ширум светот, па дури и во моменти на голема тага поради трагедијата која се случи во Кочани, легендите на Македонија и Бугарија (шампионскиот тим од СП во 1994. година) покажаа дека спортот знае да преовлада и за хуманитарни цели.

Натпреварот кој беше од хуманитарен карактер се одигра ова попладне во Варна, а легендарните играчи на двете земји се погрижија за извонредна фудбалска претстава во која видовме пет погодоци.

Христо Стоичков како капитен на домашниот тим доби дрес од македонската фудбалска репрезентација пред стартот на натпреварот, а потоа доби и громогласни аплаузи од публиката кога излезе од игра во 8-та минута.

Во услови на фудбалска ревија, резултатот беше во втор план, но сепак вреди да се одбележи дека избраниците на Ѓоко Хаџиевски кој денеска беше селелктор, на крајот извојуваа победа од 2-3.

Божинов, Пандев и Тасевски беа стрелци на погодоците за нашиот тим, додека Бугарија во два наврати израмнуваше на 1-1 и 2-2 преку Камбуров и Михтарски.

Собирот на легендите и на сите присутни фудбалски навивачи во Варна беше организиран со една јасна цел, а тоа е да се соберат финансиски средства за семејствата кои ги загубија најблиските во трагедијата во Кочани.