Макрон: Сакам Зидан да преземе француски клуб во иднина
Францускиот претседател, Емануел Макрон изрази желба легендата Зинедин Зидан да стане тренер на „голем француски клуб“. Зизу моментално е без работа како тренер, а Пари Сен Жермен најверојатно наскоро ќе има нов тренер. Во моментов тренер на ПСЖ и официјално е Аргентинецот Маурисио Почетино, кој има договор со клубот до 2023 година, но се чини дека Французите не сметаат дека тој е вистинската личност за тимот.
„Не, не сум разговарал со него (Зидан), но многу му се восхитувам како играч и тренер“, изјави Макрон за RMC Sport. „Тој ја освои Лигата на шампионите три пати, а тоа е нешто што го сакаме за нашите клубови. Сакам да се врати и да ја промовира Франција. Се надевам дека Зидан ќе се врати и ќе стане тренер на голем француски клуб. Тоа би било прекрасно и би имало голем позитивен ефект врз француското првенство и Франција“, продолжи Макрон.
„Мојата улога е да кажам дека Франција е голема спортска и фудбалска нација, дека тука има прекрасни луѓе кои го сакаат овој спорт. За нас е важно да се вратат добрите играчи што ги трениравме овде и кои потоа блескаат на меѓународната сцена“, рече Макрон.