Макс Даумен со 15 години дебитираше во Лигата на шампионите

Микел Артета дозволи историја на Лигата на шампионите во натпреварот против Славија Прага. Тренерот на Арсенал во игра го испрати младиот Макс Даумен, кој со тоа стана најмладиот фудбалер што некогаш настапил во ова елитно европско натпреварување. Даумен влезе во игра во 72. минута од дуелот кој Арсенал го доби со 0-3.
Со само 15 години и 308 дена, младиот талент го надмина рекордот што претходно го држеа Јусуфа Мукоку од Борусија Дортмунд (16 години и 16 дена) и Ламин Јамал од Барселона (16 години и 68 дена).
Макс Даумен е дел од академијата на Арсенал уште од својата петта година и веќе има оставено силен впечаток. Овој настап во Лигата на шампионите само го потврди огромниот потенцијал што Арсенал го гледа во своето ново чудо од дете.