Малешевиќ: На крајот се успавме, добро е што нè помилува среќата

Кошаркарите на битолски Пелистер ја остварија првата победа на европската сцена. Пелистереци во меч од второто коло на ФИБА Европа купот ја совладаа словачката екипа Приевидза со 90-83. На натпреварот одигран вечерва пред својата публика во Битола, Пелистер славеше во дуел во кој водеше во поголемиот тек на средбата.
Никола Малешевиќ по одлично издание во „Боро Чурлевски“ рече:
„Ова беше голем натпревар, прв европски во Битола за Пелистер и чест ми е што бев дел од него. Сакам да се заблагодарам на публиката која беше наш шести играч. Знаевме дека тие се физички силна екипа, игра на скокови и во транзиција, со неколку добри шутери за три поени. Моравме тоа да го исконтролираме, а кога го имавме под контрола водевме убедливо. Потоа малку се успавме и мислевме дека мечот е готов, па тие го искористија тоа за да се вратат. Добро е што имавме среќа, знаење и памет да го затвориме мечот со победа.
Уште е рано, ние сме во фаза на воигрување и одиме на подобро. Имаме уште многу да работиме, а кога целосно ќе се запознаеме како екипа ќе биде многу полесно“.
Битолскиот тим во следното коло игра против Керванос на Кипар.