Малком од Зенит потпиша за Ал-Хилал
Бразилското крило од екипата на Зенит, Малком сега е фудбалер на Ал-Хилал од Саудиска Арабија. Финансиските детали од трансферот не беа соопштени, но пред една недела извршниот директор на Зенит, Александар Медведев изјави дека Ал-Хилал е подготвен да плати 60 милиони евра за голгетерот на тимот.
26-годишниот крилен напаѓач е четвртото ново засилување на Ал-Хилал ова лето. Претходно беа донесени сенегалскиот дефанзивец Калиду Кулибали, српскиот играч за врска Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Португалецот Рубен Невес.
Малком, кој е поранешен играч на Барселона, стана најдобар стрелец во руската Премиер лига со 23 гола кога Зенит ја освои титулата.
Бразилецот е уште едно ѕвездено име кое дојде во саудиската лига. Ал-Хилал е од Ријад, еден од историски најсилните клубови во земјата, но минатата сезона ги загуби и титулата и националниот Куп.