Манчестер Сити го договори трансферот на Тијани Рајндерс

Манчестер Сити го обезбеди потписот на холандскиот репрезентативец Тијани Рејндерс од АЦ Милан во трансфер вреден 70 милиони евра – 55 милиони фиксни и уште 15 милиони како бонуси врзани за перформансите. 26-годишниот играч ќе потпише петгодишен договор со клубот од Манчестер, зајакнувајќи во средниот ред на тимот на Пеп Гардиола пред стартот на новата сезона.
Овој трансфер доаѓа во клучен момент за Сити, кои се соочуваат со заминувањето на Кевин де Брујне. Со 16 голови и 4 асистенции во Серија А минатата сезона, Рејндерс се профилира како идеално засилување за Сити, нудејќи баланс меѓу офанзивна креативност и дефанзивна стабилност.
Рејндерс пристигна во Милан од АЗ Алкмар во летото 2023 година и брзо стана еден од најважните играчи во тимот. Неговата конзистентност, работна етика и техничка подготвеност му донесоа признанија од експерти и легенди, меѓу кои и Френк Рајкард, кој го пофали неговиот севкупен придонес и современ стил на игра.
Овој потег е дел од пошироката трансфер стратегија на Манчестер Сити, кој под водство на Пеп Гардиола и претседателот Халдун Ал Мубарак, сака да го консолидира тимот што е можно порано во пресрет на Светското Клупско Првенство во САД, кое започнува на 12 јуни. Сити ја заврши минатата сезона на третото место и амбициозно влегува во летниот преоден рок со цел повторно достигнување на врвот.