Манчестер Јунајтед сè уште верува во Рубен Аморим

Рубен Аморим ќе располага со летен буџет за трансфери од околу 100 милиони фунти и ја има цврстата поддршка од Манчестер Јунајтед, и покрај поразот од Тотенхем во финалето на Лига Европа во средата. 

Како што претходно објави „The Guardian“, вербата на раководството во Аморим не зависи од исходот на натпреварот на „Сан Мамес“ во Билбао. Манчестер Јунајтед, под водство на Сер Џим Ратклиф, има доверба во португалецот и е подготвен да инвестира за да го засили тимот. 

Матеус Куња од Вулверхемптон е главна цел на „Црвените Ѓаволи“, и се вели дека токму тој прв ќе пристигне во Карингтон. Лиам Делап од Ипсвич е исто така меѓу приоритетите за Јунајтед, а двата трансфера може да се реализираат без потреба од продажба на сегашни играчи. 

Сепак, за дополнителни засилувања, Јунајтед ќе мора да продаде играчи како: Маркус Рашфорд, Џејдон Санчо и Антони, за да го зголеми буџетот на Аморим. Според „ESPN“, доколку Јунајтед ги реализира планираните продажби, Аморим има јасна визија за тоа како ќе изгледа тимот следната сезона.