Манчини: Доминиравме и заслуживме да се радуваме среде Лондон

Роберто Манчини го предводеше својот тим до втората европска титула во историјата на Италија. Неговата селекција го доби финалето на Евро 2020 против Англија на „Вембли“ на пенали.

Италијанците примија гол на стартот на натпреварот, но тренерот верува дека после тоа неговиот тим доминираше на натпреварот. Низ солзи во очите, тој рече дека сега секој во неговата татковина може да слави.

„Момците добро се снајдоа. Примивме ран гол и тоа ни ја отежна работата, но од тој момент доминиравме. Моите играчи се фантастични, не знам што друго можам да кажам. Ова беше важен успех за сите луѓе во нашата земја“, рече Манчини.

Ова беше 34-ти последователен натпревар без пораз за Италија под водство на овој селектор, а последен пат беа поразени од Португалија во 2018 година.

„Среќен сум што играме добро и победуваме. Верувам дека сите слават токму сега. Среќни сме и само тоа е важно. Се чинеше неверојатно дури и да се размислува за тоа, но момчињата беа неверојатни. Немам зборови, тие се одличен тим. Не беше лесен натпревар, всушност беше доста тежок, но сепак доминиравме. Потребна ви е и малку среќа со пеналите. Затоа малку ми е жал за Англија. Нашиот тим порасна многу, но сепак можеме да напредуваме. Среќен сум за сите Италијанци, немам зборови“, заврши Манчини.