Маратон за пелистерци: Четири меча во седум дена за момците на Даскаловски

Екипата на Пелистер се врати назад во Битола, каде од утре ќе стартува со подготовки за пеколниот ритам на натпревари што ќе ги очекува „пелистерци“ во наредниот период.

Дуелот од третото коло во Супер-лигата ќе го играме против екипата на Маџари, договорено е со промена на домаќинствата тој меч да биде одигран во Битола, но поради одржувањето на „Локалните избори 2025“ натпреварот Пелистер – Маџари е закажан за следниот петок (24 октомври во 19 часот, сала „Боро Чурлевски“).

Претходно, Пелистер в среда го очекува првиот домашен меч од ФИБА Европа купот во кој битолчани пред своите верни навивачи ќе го пречекаат словачкиот тим Превидза.

По тој дуел закажан за 22 октомви и мечот со Маџари на 24 октомври, Пелистер до крајот на следната седмица ќе одигра уште еден меч, на 26 октомври во рамките од Супер-лига против скопски Феникс, по што ќе следи гостувањето против кипарски Керавнос во третата рунда од ФИБА Европа купот.