Марез го уништи Јордан, Алжир остана со шанси за втората фаза

Фудбалерите на Алжир го совладаа Јордан со 2-1 (0-1) во натпревар од второто коло во групата Ј на Светското првенство 2026.
Уште еден пресврт беше виден на Мундијалот, откако Јордан имаше предност по првото полувреме, а Алжир во возбудлива завршница успеа да дојде до трите бода.
Со оваа победа Алжир стигна до три бода и остана во игра за пласман во нокаут-фазата. Во последното коло избраниците на Владимир Петковиќ ќе играат директен дуел против Австрија за место во следната рунда.
Јордан, пак, остана без освоен бод и сега му е потребно вистинско чудо против светскиот шампион Аргентина за да ги задржи шансите за пласман понатаму.
Натпреварот не понуди премногу квалитетен фудбал, но беше неизвесен во поголемиот дел. Во првите триесетина минути најопасен беше Ријад Марез, кој двапати доби долги топки зад одбраната, но не успеа да ги претвори во вистински закани.
Казната стигна во 36. минута кога Јордан една од ретките акции на противничката половина ја претвори во гол. Низар Ал Рашдан прецизно го погоди поблискиот агол на голот што го бранеше Лука Зидан, синот на легендарниот Зинедин Зидан.
До крајот на првото полувреме Алжир безуспешно се обидуваше да израмни, но вистинскиот притисок следуваше во продолжението.
Наградата за иницијативата стигна во 69. минута кога Надир Бенбуали беше највисок по корнерот на Марез и со удар со глава го совлада противничкиот голман за 1-1.
Алжирците веднаш тргнаа по целосен пресврт. По неколку опасни напади и кратка пауза за освежување, решавачкиот момент се случи во 82. минута.
По уште еден корнер од десната страна, Амин Гуири најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја испрати топката во мрежата за 2-1.
Ситуацијата беше исклучително тесна, па словенечкиот судија Славко Винчиќ неколку минути чекаше потврда од ВАР-собата. По долгата проверка голот беше признат, а Алжирците почнаа да слават.
До крајот резултатот не се менуваше, па Алжир остана жив во битката за место меѓу најдобрите 32 селекции на Светското првенство.