Мареј: Да уживаме дека Роџер и Рафа се на теренот

Енди Мареј беше првиот противник на Рафаел Надал на официјален меч по долгата пауза од терените, меч во Абу Даби кој му припадна на Шкотот со 2-0 во сетови.

Британецот победи 6-3, 7-5, а по истиот имаше што да каже за Надал со кого има водено многу тениски битки низ изминативе 15 години.

„Отсекогаш сум зборувал за тоа колку сакам да го гледам Рафа кога е на теренот. Тој е брилијантен модел, не само за сите други играчи кои треба да се угледаат на него, туку како некој кој постојано е во очите на јавноста.

Рафа и Рожер добро се носат на теренот, високо ја кренаа летвичата, ќе биде многу тешко другите играчи да стигнат до нив. И двајцата се големи личности, иако се различни, но помогнаа овој спорт да се доведе на сосема поинакво ниво. Кога ќе ја завршат кариерата, ќе биде тежок момент за тенисот. Ќе се крене, но нема да биде лесно да се заменат. Сите љубители на тенисот треба да уживаат додека се уште играат, бидејќи тоа нема вечно да трае“, заклучи Мареј.