Мареј: Ми недостигаат големите дуели со Надал и Ѓоковиќ

Енди Мареј рече дека му недостасуваат пресметките на теренот против големите ривали Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, и изрази надеж дека повторно ќе игра против нив во завршниците на големите турнири.

Надал идната недела се враќа на теренот, на турнирот во Бризбејн, по речиси едногодишна пауза поради повреда, а Мареј последен пат играше против Шпанецот во 2016 година.

Мареј, кој исто така ќе настапи во Бризбејн, имаше проблеми изминатите години со колкот и поради тоа долго отсуствуваше од теренот, но успеа да се врати меѓу најдобрите 50 тенисери на АТП листата. Против најдобриот светски рекет Ѓоковиќ играше само еднаш од 2017 година.

„Би сакал да имам можност повторно да играм против нив, идеално би било во подоцнежните фази на големите турнири. Ми недостасува тоа чувство. Не се сеќавам кога последен пат играв против нив“, рече Мареј во изјава за британските медиуми.