Марко Митев успешно опериран по повредата на коленото

Средниот бек на Алкалоид и на нашата ракометна репрезентација Марко Митев кој заработи тешка повреда на дуелот против Словенија во квалификациите за Европското првенство е успешно опериран. Оттогаш средниот бек на Македонија и Алкалоид е во процес на заздравување, а сега беше подложен и на операција.
Митев ги оперираше лигаментите на десното колено во Скопје и сега започнува вистинскиот процес на рехабилитација. Пред средниот бек е долга пауза, од ваквите повреди заздравувањето трае барем половина година и враќањето би можело да се случи на стартот на следната сезона.
Алкалоид остана без услугите на Марко Митев во клучниот дел од сезоната, кога се одлучува борбата за титулата во Суперлигата, но и за завршницата од ЕХФ Купот. Алкалоид сега ќе мора без Митев да се снаоѓа во финишот од сезоната.