Мартин Клинчаров претседател на Сојузот на спортски федерации на Македонија

Денес во хотел Карпош во Скопје се одржа редовното собрание на Сојузот на спортски федерации на Македонија. На дневниот ред беше избор на работни тела, усвојување на записникот од претходното собрание, извештај за работата на сојузот и реализација на програмата, како и финансискиот извештај за 2023 година.

Оваа година, собранието го имаше предзнакот изборно, со оглед на фактот што досегашниот преседател Наташа Илиевска Јордановска го заврши својот втор четиригодишен мандат на чело на сојузот.

По предлог на кандидационата комисија, како единствен кандидат за нов претседател беше предложен Мартин Клинчаров. Поранешното лево крило на македонските шампиони Металург и Вардар, косовска Приштина како и хрватскиот Умаг, како и на кадетската и младинска репрезентација на Македонија, беше едногласно избран од присутните 37 спортски федерации и општински спортски сојузи, членки на собранието на ССФМ.

Во својот поздравен говор, Клинчаров најнапред ги поздрави присутните и се заблагодари на честа и довербата да ја води оваа институција во наредниот четиригодишен период, бидејќи се работи за организација со голема традиција формирана далечната 1945 како Иницијативен Фискултурен Одбор на Македонија (ИФОМ) со прв Претседател Густав Влахов, менувајќи го својот облик и име, за во 2002 година прерасне во Сојуз на спортските федерации на Македонија со 45 национални спортски федерации и 6 општински спортски сојузи како нивни членки.

Во поглед на програмата за наредната 2025 година, Клинчаров истакна дека сигурно ќе претрпи одредени измени од она кое е претходно поднесено со оглед на фактот дека во соработка со Министерството за Спорт и министерот Ристовски се планира акцентот да се стави на неколку големи традиционални настани како на пример, Охридскиот пливачки маратон, Струшкиот ракометен турнир, боксерскиот Златен Гонг, Меѓународниот турнир во борење, Македонски Бисер, традиционалниот меѓународен Илинденски кајак слалом ИКАС, итн. Во фокусот остануваат едукациите и семинарите како и допинг контролата која е исклучително важна во градењето здрави спортисти.

Исто така, работата со лицата со попреченост и Даунов синдром ќе бидат на врвот од приоритетите во програмата за следната година.

На крајот, новоизбраниот Претседател, Мартин Клинчаров и се заблагодари на досегашната Претседателка, Наташа Илиевска Јордановска за успешната работа во изминатите осум години, со надеж дека ќе остане активна и понатаму и со своето искуство ќе придонесува за развој на спортот во Македонија.