Марчињак помилуван, ќе го суди финалето на ЛШ
Европската куќа на фудбалот (УЕФА) објави соопштение на својата официјална веб-страница во врска со назначувањето на полскиот судија Шимон Марчињак за главен судија на финалето од Лигата на шампионите.
Претходно имаше информации дека Марчињак може да биде отстранет од натпреварот поради неговата политичка позиција. Скандалот избувна поради учеството на судијата на настан организиран од полскиот екстремно десничарски политичар Славомир Мензен. УЕФА го прифати извинувањето на судијата и го потврди назначувањето.
„УЕФА внимателно ги истражи наводите поврзани со учеството на Шимон Марчињак на настан организиран во Катовице на 29 мај 2023 година. По темелна проверка, добивме изјава од Марчињак, во која тој изразува најдлабоко извинување и појаснување за своето учество на настанот. УЕФА го прифаќа неговото длабоко извинување и потврдува дека Марчињак ќе продолжи со својата должност како судија за финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во 2023 година“, се вели во соопштението на организацијата.
Одлучувачкиот натпревар во Лигата на шампиони во кој ќе се сретнат Манчестер Сити и Интер ќе се одигра на 10 јуни во Истанбул со почеток во 21:00 часот.