Марјан Илиевски: Го забораваме овој меч, веќе се подготвуваме за она што ни следи – Ирска

Македонија имаше успешен почеток на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година. Вечерва во СРЦ „Кале“ делувавме убедливо во натпреварот против Азербејџан, славевме убедлив триумф кој носи уште поголема доза на самодоверба во нашиот тим, кој за три дена има нов предвизик, гостински, дуелот со селекцијата на Ирска во Даблин, (вечерва загуби на гостувањето во Луксембург).
На задоволство на селекторот Марјан Илиевски, кој имаше само пофални зборови за прикажаното од страна на неговите избраници во овој премиерен меч од групата „А“.
„Ова беше заслужена победа. Морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого. Но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично, и тоа што го покажаа на теренот и го покажува и семафорот, е заслужено. Овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме и останува да се спремиме за она што ни следи – Ирска.
Имаме патување за Ирска, и како и за секој меч е исто. Мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа и се повозрасни. Мора да функционираме со енергија на високо ниво, а без разлика кој е на другата страна, мора да бидеме максимални“.
Селекторот Илиевски ја објасни и промената на позицијата „натурализиран играч“…
„На овој меч играше Омаре Мур затоа што има промена во нивниот тим кај натурализираните играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција. Секако дека Мур ги оправда очекувањата на стартот, иако дојде веднаш по мечот со Баерн.
Се вклопивме добро, и станува збор за вистински професионалец и позитивна личност. Можеби јавноста очекуваше дека ќе се случуваат атракции и многу поени, сепак, тој донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството кое го носи со себе. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“ – дополни Илиевски на прес-конференцијата по натпреварот.