Матета блеска, Јунајтед жали?

Трансфер политиката на Манчестер Јунајтед ова лето е под сериозна лупа, откако клубот реши да вложи голема сума во словенечкиот напаѓач Бенјамин Сешко, наместо да тргне по голгетерот во форма, Жан-Филипe Матета од Кристал Палас.
Сешко, 22-годишен, пристигна на Олд Трафорд од Лајпциг за 74 милиони фунти. Клубот го гледа како долгорочна инвестиција. Иако има забележителна статистика со 39 голови во 87 натпревари за Лајпциг, неговиот почеток во Јунајтед е тивок, само еден постигнат гол досега.
Од друга страна, Матета е веќе докажан голгетер во Премиер Лигата. Со 47 голови во дресот на Кристал Палас, Французинот изгради репутација на сигурен напаѓач кој знае да се снајде пред гол. Неговата конзистентност и искуство во најсилната лига на светот се токму квалитетите што, според многумина, му недостигаат на Јунајтед по офанзивнво разочарувачката сезона.
Со својата физичка подготвеност, смиреност во завршницата и искуството, Матета изгледаше како логичен избор за засилување на нападот. Но Јунајтед се реши за помлад, потенцијално талентиран играч, надевајќи се на долгорочен успех.
Таа одлука веќе предизвикува дебати. Со нападот на Јунајтед што уште се мачи да проработи, прашањата се множат: Дали клубот премногу веруваше во потенцијал наместо проверено искуство? И дали Сешко ќе созрее доволно брзо за да го оправда трансферот?
Сезоната е долга, но Јунајтед мора брзо да дознае дали го фатил вистинскиот воз, или пак го испуштил со Матета.