Матијашевиќ сменет, Душко Николиќ нов селектор на одбојкарите

Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија денеска донесе одлука да ги промени селекторите на машката сениорска и на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години.

По анализата на настапите и на резултатите во Европската сребрена лига 2021, во којашто македонскиот национален тим не успеа да го освои златниот медал, иако финалето го играше на домашен терен, челниците на ОФМ ја прекинаа соработката со Никола Матијашевиќ и решија да му го доверат кормилото на репрезентацијата на неговиот досегашен асистент Душко Николиќ.

Извршниот одбор на ОФМ го констатираше придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели, но исто така ја истакна потребата од промена пред учеството на Европското првенство во септември во Тампере. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но од друга страна ќе овозможи и нов пристап во подготовките за нашето второ учество на континенталните самити.