Мајкл Карик го напушти Манчестер Јунајтед

По победата над Арсенал со резултат 3:2, досегашниот привремен тренер на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик си поднесе оставка на функцијата. Тој го напушта клубот иако имал понуда да остане како помошник на новоизбраниот тренер на екипата, Ралф Рангник.

„Периодот што го минав во овој голем клуб е најдобриот во мојата кариера. Кога пристигнав во тимот пред 15 години, никогаш ниту размислував дека ќе постигнам толку големи работи и дека ќе освојам толку трофеи овде. Никогаш нема да ги заборавам одличните моменти кои ги доживеав како играч а потоа и како тренер. После многу размислување решив дека сега е правото време за да заминам од клубот. Засекогаш останувам навивач на Манчестер Јунајтед и му посакувам успешна работа на новиот тренер, Ралф Рангник“, изјави Карик.

Мајкл Карик е играчка легенда на „црвените ѓаволи“ кој со клубот има освоено пет шампионски титули во премиер лигата, на два пати го освоил ФА и Лига купот, една Лига на шампиони, Лига Европа и Светско клупско првенство.