Мбапе го „скрши“ Парагвај и закажа четвртфинале против Мароко

Франција потешко од очекувањата обезбеди место во четвртфиналето на Светското првенство, откако во осминафиналната пресметка во Филаделфија го совлада Парагвај со минимални 0-1 (0-0).

Иако „триколорите“ доминираа во поседот на топката и постојано ја бараа пукнатината во цврстата одбрана на Парагвај, вистински шанси имаше многу малку. Јужноамериканците се бранеа дисциплинирано и успеваа да ги затворат сите приоди кон својот гол, па Французите долго време не можеа да најдат решение.

Клучниот момент се случи во 70. минута. Резервистот Дезире Дуе внесе свежина во играта, продре во шеснаесетникот и беше соборен, а по ВАР-проверката судијата покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Килиан Мбапе, кој беше сигурен реализатор за конечни 0-1. До крајот Франција без поголеми проблеми ја сочува предноста и се пласира меѓу осумте најдобри селекции на турнирот. За Мбапе ова беше седми погодок на шампионатот, со што се израмни на врвот на листата на стрелци со Лионел Меси.

Во четвртфиналето Франција ќе се соочи со Мароко, кој претходно убедливо ја елиминираше Канада со 3-0. Натпреварот е закажан за четврток од 22:00 часот во Бостон.