Мегваер ќе му се придружи на Роналдо во Саудиска Арабија по истекот на неговиот договор

Хари Мегваер би можел да го напушти Манчестер Јунајтед и да се пресели во Саудиска Арабија, откако станува сè поизвесно дека нема да добие нов договор. Со само уште една година преостаната од актуелниот договор, 32-годишниот дефанзивец веќе го привлекува вниманието на клубови од Саудиската Про Лига, особено Ал-Наср и Ал-Етифак.
Мегваер пристигна на Олд Трафорд во 2019 година од Лестер, за тогаш рекордна сума за дефанзивец. Иако беше честа мета на критики, неговата форма се подобри во последните сезони и тој останува значаен дел од тимот. Има над 250 настапи и 16 голови за клубот, а во еден период беше и капитен.
Доколку се пресели во Ал-Наср, ќе се врати во тим со својот поранешен соиграч Кристиано Роналдо, со кого настапуваше во сезоните 2021–22 и 2022-23. Според извори, Ал-Наср е заинтересиран да го донесе Мегваер без обештетување по истекот на неговиот договор, гледајќи во него искусна опција за зајакнување на одбраната.
Јануари 2026 ќе биде клучен период, тогаш Мегваер ќе може официјално да преговара со странски клубови. Тој веќе изјави дека наредните месеци ќе бидат пресудни за неговата иднина, но останува посветен на Манчестер Јунајтед додека не се донесе конечна одлука. Клубот очекувано ќе отвори разговори наскоро за да одлучи дали ќе се обиде да го задржи или ќе му дозволи да замине.