Мекиќ: Добивме добра група, а ќе играме и против светскиот шампион
Адем Мекиќ беше еден од најдобрите, најстандардни наши репрезентативни играчи на претквалификациите за Светскиот Куп.
Тој, исто како и неговите репрезентативни соиграчи ги чекаше исходот на ждрепката за онаа главна фаза – квалификациската, која за противници во групата „Г“ ни ги донесе селекциите на Шпанија, Украина и на Грузија.
„Онака, од прва, се чини дека добивме една добра група. Противници, што се вели по мерка. Од една страна, ќе играме против светскиот шампион, Шпанија, што несомнено е една голема чест. Да се бориш против најдобриот во светот, а во исто време, ги имаме Украина и Грузија. Селекции со кои можеме да бидеме компетитивни, каде имаме простор за резултат“ – вели крилото на нашиот национален состав.
Она што Мекиќ лично посакува е веќе од ноември, кога стартуваат квалификациите, екипата да биде комплетна.
„Посакувам да бидеме комплетни, во екипата да имаме и играчи кои не беа дел од претквалификциите преку кои и дојдовме до една ваква можност да одиграме најмалку шест натпревари против велесила како Шпанија, и силни, квалитетни репрезентации како Украина и Грузија. Да немаме проблеми со повредите. Да не се потценуваме, но ниту да ги преценуваме противниците без оглед што ја имаат фаворитската улога. И најважно од се, да веруваме во нашите способности, во нашите квалитети. Се надевам дека ќе бидеме конкуретни во ова друштво од квалификациите за Светското првенство“- посакува Мекиќ.