Мелбурн во „локдаун“, на сред турнир укината публиката на АО
Австралиската сојузна држава Викторија оди во целосен локдаун. Од вечерва (петок) на полноќ се воведува карантин кој ќе трае до среда, како би се спречило ширењето на британскиот сој на коронавирусот. И покрај тие мерки, тенисот на првиот гренд слем сезонава во Мелбурн продолжува, но без публика на трибините.
Организаторите на турнирот во соопштението потврдија дека на гледачите до среда ќе им биде забранет пристапот на стадионите. Досега, по 30 илјади навивачи дневно можеа да присуствуваат на натпреварите.
Австралија Опен трае до 21. февруари, а публиката веќе беше ограничена на 50 отсто од вообичаениот капацитет.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрус изјави дека британскиот сој на коронавирусот не потекна од хотел во кој се сместени тенисерите.
„Краток, но строг локдаун ќе биде ефикасен. Се работи за најзаразната варијанта на коронавирусот.“ – изјави премиерот.