Менсур Јакупи на местото на Висар Ганиу во Центарот за едукација

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за разрешување на Висар Ганиу од функцијата заменик-директор на Центарот за едукација при ФФМ. На негово место е именуван Менсур Јакупи, истакнат фудбалски работник и тренер со долгогодишно искуство во македонскиот фудбал.

Во текот на својата кариера, Јакупи работеше во повеќе клубови и младински школи, меѓу кои ФК Гостивар и младинските категории на Шкендија, а воедно беше и селектор на репрезентациите на Македонија до 17 и до 19 години. Носител е на УЕФА Про лиценца, највисоката тренерска квалификација согласно стандардите на УЕФА.

Во последните години активно е вклучен во процесот на едукација на тренери како инструктор и предавач во рамки на Центарот за едукација при ФФМ, учествувајќи во реализацијата на програмите за тренерско усовршување и лиценцирање.