Мерцедес го претстави новиот болид на Формула 1

Tимот на Мерцедес ги објави првите фотографии од својот болид за новата сезона во Формула 1, кој ќе има одредени освеежувања, но тука се секако и препознатливите сребрено-црни бои.

„Сребрените стрели“, кои минатата година водеа жестока битка за второто место помеѓу конструкторите и оваа сезона ќе настапат со непроменет возачки состав со Џорџ Расел и Кими Антонели.

Новиот болид „W17“, како и неговите конкуренти, е помал, потесен и полесен во однос на претходникот, бидејќи е дизајниран и изработен според новите аеродинамички правила.

Мерцедес следната недела ќе им се приклучи на останатите екипи во Шпанија на петдневниот „Barcelona Shakedown“.

Осумкратниот светски шампион потоа на 2 февруари, ќе организира и официјален настан за отворање на сезоната, на кој пред новинарите ќе излезат возачите и раководниот кадар, но ќе биде прикажан и самиот болид.

Екипата по тој настан патува за Бахреин, каде што се закажани официјалните предсезонски тестирања.

Планирани се два тридневни теста на кои тимовите ќе имаат можност дополнително да ги усовршат своите болиди пред стартот на сезоната.