Меси: Знаев дека Бог ќе ми донесе трофеј, останувам во репрезентацијата

Репрезентацијата на Аргентина стана нов светски фудбалски првак, после спектакуларната победа во финалето над Франција. Аргентинските фудбалери беа подобри во изведувањето на пеналите и славеа со 4:2. Во регуларниот дел натпреварот заврши 2:2, а после продолженијата мечот беше 3:3.

Најдобриот фудбалер на Аргентина, Лионел Меси, на својот петти Мундијал го освои единствениот трофеј кој му недостигаше во кариерата.

„Немам прави зборови за да го опишам ова чувство, се беше неверојатно. Знаев дека Бог ќе ми го даде пехарот, ова е голема радост за нас. Одсекогаш сум го имал овој сон, својата репрезентативна кариера да ја завршам на Светското првенство. Меѓутоа, сепак нема да се пензионирам од националниот тим, и сакам да продолжам да играм како шампион“, изјави Меси.