МЗТ Скопје е шампион на Македонија по осми пат

МЗТ Скопје Аеродром е новиот кошаркарски шампион. Експресно, во само три натпревари, екипата од Аеродром го надигра кавадаречки Еуро Никел 2005 и со максимални 3-0 ја затвори финалната серија на плеј-офот.

За да биде успехот на „сино-белите“ поголем, со третата победа во серијата против големиот ривал во финалето, „металците“ ги обединија двете домашни круни.

По онаа во Купот, ја освоија и шампионската.

Овој трет меч од финалната серија од плеј-офот, беше добра прилика и за селекторот на нашата сениорска репрезентација Драган Бајиќ, во друштво на раководството на КФСМ,  во живо да се увери во квалитетите на репрезентативните кандидати, од кои во поголем број се од страната на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, барем во изминатиот квалификациски циклус за Евробаскетот 2022.

Веќе во средината на наредниот месец следуваат подготовките за августовските претквалификации за пласман на Светскиот Куп во 2023 година, а добар дел од актерите веројатно и ќе се најдат на поширокиот список на новиот предводник на нашиот сениорски состав.