МЗТ Скопје на чекор до титула

„Металците“ ги стопија надежите на кавадарчани во последните четири минути од вториот натпревар, за победа 95:91 и „брејк“ за 2-0 во финалето.

Со девет поени по ред, на репрезентативниот бек, Андреј Магдевски во последните четири минути од дуелот во салата „26.април“, МЗТ Скопје Аеродром го скрши отпорот на Еуро Никел 2005. Дојдоа популарните „металци“ до посакуваниот брејк, па во Скопје, ќе ја имаат првата меч топка за осмата, за нив, шампионска титула во историјата, но и можност да ги обединат двете домашни круни во оваа турбулентна сезона.  

Кавадарчани имаа одлични, 30 дадени поени во првиот период од вториот финален меч. Имаа и двоцифрена предност (32:22), во уводната минута од втората четвртина. Но и тоа, се покажа, не им беше гаранција за сигурност, затоа што екипата која има (1-0) во оваа серија, најде начин, секако и играчи, да се врати назад во игра.

Интересно, поентерски, во тоа прво полувреме се идвоија високите играчи. Роберт Рикиќ на домашната, кој реализираше 15.поени, и Крстевски, на гостинската, кој финишираше со 11.поени, и Олуџоби, кој имаше два помалку во тој дел од финалето број 2.

Уште еднаш, МЗТ Скопје Аеродром имаше „подобра клупа“ која реализираше 11.поени, наспроти пет на противникот.

Следната станица е салата во СЦ „Јане Сандански“, во недела навечер, кога можеби ќе го добиеме и новиот шампион.