МЗТ Скопје сака да го организира турнирот за промоција во АБА лигата

МЗТ Скопје Аеродром поднел официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2.
„Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за нашите кошаркари, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините. Според нашите информации, предводниците на регионалното натпреварување се уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука“, соопштија од клубот.
Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник.