МЗТ Скопје се пофали со Лука Стојановски

Македонскиот кошаркар Лука Стојановски денес е претставен како прво летно засилување на шампионот, МЗТ Скопје.
Репрезентативецот на Македонија по вторпат ќе ја задолжи опремата во тимот од Аеродром, откако настапуваше за сино-белите во сезоната 2018/19. Потоа играше за Академија ФМП, Еуро Никел, а последните три сезони ги помина во битолски Пелистер.
Стојановски игра на позиција бек, станува збор за одличен шутер, кој играше во минатиот репрезентативен прозорец и полека се наметнува како лидер во подмладената македонска репрезентација.
Со пристигнувањето на Лука во тимот, најтрофејниот македонски клуб ги започна активностите за склопување на тимот за следната сезона, каде се очекува борба во три натпреварувања. Целта на шампионот е јасна, одбрана на титулата во домашното првенство и достоинствен настап во ФИБА Еврокупот и АБА 2 Лигата.