Милан нема целосно да го исплати Фонсека заради клаузула во договорот

Мандатот на Пауло Фонсека на клупата на Милан траеше 200 дена. Толку време помина откако дојде во клубот. Синоќа му беше врачен отказ кој се подготвуваше подолго време, но Португалецот успеа да си купи краткорочен кредит на клупата на Милан со победите против Интер и Реал Мадрид.

Сепак, од поразот од Аталанта, се повторно тргна во надолна линија. Следуваше слаб настап и среќна победа против Црвена звезда во Лигата на шампионите, реми без голови против Џенова, кога беше јасно дека Фонсека ќе добие отказ На крајот му пресуди ремито против Рома.

Иако имаше договор вреден 2.500.000 евра нето по сезона (4.600.000 бруто плата), до летото 2027 година, Фонсека нема да ги добие сите плати што би му следувале до тој период. Во договорот постоела клаузула според која Фонсека би добил само третина од договорот доколку добие отказ во првите шест месеци.

Иако тој дојде во клубот на 13.јуни, неговиот договор официјално започна на 1. јули. Бидејќи нема комплетирано шест месеци во клубот, на Фонсека ќе му биде исплатена само една третина од договорот, односно платата за тековната сезона. Тој заминува од Милан побогат за 2.500.000 евра, додека гореспоменатата клаузула го чинеше дополнителни 5.000.000 евра, кои ќе му беа обештетување во следните две сезони.

Да останеше во клубот до 1 јануари, Милан ќе мораше да му ги исплати на тренерот споменатите 5.000.000 евра.

Познато е веќе дека на местото на Фонсека ќе дојде неговиот сонародник, поранешниот тренер на Порто, Сержо Консеисао. Според италијанските медиуми, тој ќе потпише договор со крајот на сезоната, а ќе заработи 1.000.000 евра.