Милан тропа на вратата на Барселона: Кристенсен на чекор од трансфер

Милан започна преговори со Барселона околу евентуален трансфер на данскиот дефанзивец Андреас Кристенсен. Италијанскиот гигант е подготвен да понуди околу 30 милиони евра за 29-годишниот играч, кој влегува во последната година од својот договор со каталонскиот клуб.
Барселона, која се соочува со сериозни финансиски предизвици, го разгледува трансферот како начин да го растовари буџетот и да отвори простор за нови засилувања. Клубот се обидува да ја стабилизира финансиската состојба пред затворањето на преодниот рок.
Иако Кристенсен е значаен дел од одбраната, неговата иднина останува неизвесна. По заминувањето на Ињиго Мартинез, Барселона сè уште располага со пет централни дефанзивци, но продажбата на Кристенсен би можела да помогне во задржување на младиот талент Фермин Лопез, кој се смета за клучен играч за иднината на клубот.
Кристенсен не покажува голема желба за заминување, решен е да се избори за своето место. Сепак, доколку Милан испрати привлечна и конечна понуда, не е исклучено трансферот да се реализира во последните денови од преодниот рок.
За Милан, доведувањето на Кристенсен би било стратешки потег – искусен и смирен дефанзивец кој може да донесе стабилност и лидерство во одбраната. Црвено-црните сакаат враќање во Лигата на Шампионите и веруваат дека токму Кристенсен може да помогне во остварување на таа цел.