Милан фаворит за потписот на Дарвин Нуњез

Дарвин Нуњез речиси сигурно ќе го напушти Ливерпул ова лето, а сега се спомнува дека за него сериозно е заинтересиран – Милан.

Британскиот Атлетик потсетува дека периодот на Дарвин на „Енфилд“ не може баш да се оцени позитивно, ако се земе предвид дека е платен 75 милиони евра.

Освен Милан, се спомнува дека го следи и Атлетико Мадрид, иако не беа направени конкретни потези. Од порано е познато дека Ал Наср од Саудиска Арабија сакаше да го здружи со Кристијано Роналдо, во јануари во Ливерпул дури пристигна и официјална понуда, но тогаш Арне Слот процени дека е подобро да го задржи Уругваецот.

Иако оваа сезона одигра дури 43 натпревари, главно влезе од клупата и играше во помалку важни натпревари како стартер. Постигна седум голови и забележа седум асистенции, што и не е толку лошо ако се земе предвид дека беше план Б.

Ливерпул сигурно нема да успее да ги поврати вложените пари за неговиот трансфер, но би можеле да добијат сигурно над 50 милиони евра за неговото заминување.