Милвоки го освои НБА Купот, Јанис незадржлив

Кошаркарите на Милвоки синоќа ја освоија титулата во НБА Купот, откако во финалето во Лас Вегас ја совладаа Оклахома со 97-81.
Милвоки го реши натпреварот на крајот од третата и почетокот на четвртата четвртина, кога дојде до серија од 19-5 и до недостижни 19 поени разлика (88-69).
Во победничкиот тим, грчкиот центар Јанис Адетокунбо оствари трипл-дабл учинок со 26 поени, 19 скока и 10 асистенции, заедно со три блокади и две украдени топки.
Демијан Лилард додаде 23 поени за Милвоки, со по четири скока и асистенции, додека Брук Лопес (девет скока) и Гери Трент Јуниор постигнаа по 13 поени.
Најефикасен во тимот на Оклахома беше Шеј Гилџес-Александер со 21 поен, а Џејлен Вилијамс постигна 18 поени.
Секој играч на Милвоки ќе добие 514.971 долари како награда за освоената титула, додека финалистите на НБА Купот ќе добијат по 205.988 долари.