Милевски: Белгија и натаму е фаворит, но никој не може да ни го одземе мундијалскиот сон

Селекторот на нашата фудбалска репрезентација, Благоја Милевски денеска го објави списокот на фудбалери повикани за претстојните дуели со Белгија и Казахстан во квалификациите за СП 2026. На списокот нема поголеми промени, потврди и селекторот.

„Списокот е идентичен како и на претходниот собир. Ќамили не е тука поради повреда, Ашковски и Давид Бабунски ќе имаат кам-бек. Се надевам дека сите ќе бидат здрави. Бабунски имаше проблеми со клуб, но сега се е во ред. Затоа е тука со нас. Секогаш бил конкурентен, затоа што ни треба таков профил на играчи. Сите пет меча до сега беа главни битки и останаа уште три. Сите се посебни, сите се важни. Да не беа главни битки тие натпревари до сега, не ќе бевме на ова место. Секој меч носи три бода. Сите имаат респект од нас“, вели Милевски.

За очекувањата од претстојните средби и крајот на квалификациите, Милевски рече:

„Колку бодови очекувам? Никој не очекуваше да имаме волку бодово, колку што имаме сега. Но, ете ги имаме. Цврсто стоиме на земја. Белгија и натаму е прв фаворит во групата. Велс исто така. Но Македонија покажа дека може да се носи со сите. Не може никој да ни ја одземе надешта и сонот за пласман на Мундијалот. Белгија во моментов ни е приоритет, а подготовката е иста како да играме и против Лихтенштајн. Секоја репрезентација има свои амбиции, па и Македонија ги има. Главна цел е да покажеме дека имаме квалитет и капацитет. Дали е можен подвиг со Белгија, секако дека е можен. Наше најголемо оружје е тимот, над се тимската сила е она што го носи овој тим напред“, дополни селекторот.