Милевски: Едвај чекам да започнам со работа со репрезентацијата

Благоја Милевски од први август и официјално е нов селектор на нашата најдобра фудбалска репрезентација. Во пресрет на неговото деби во септемвриските квалификации за СП во Катар 2022 година, за ФФМ, нашиот селектор изјави:

„Оваа функција за мене пред се е гордост и исполнетост. Од спортски аспект, од национален и од човечки. Посебно е чувството да се селектор на А- репрезентацијата. Иако седум години ја водев младата селекција на Македонија, сепак ова е нешто посебно. За мене круна на секој тренер во неговата кариера е да се биде предводник на најдобрата репрезентација на својата земја. Да, секако дека се радувам на првата средба, на првиот собир со играчите, со многумина од нив и добро се познавам. И со другите исто така се познаваме, не чувствувам никаква разлика, само една позитивна атмосфера“, рече новиот селектор.