Милевски: Мора да бидеме на ниво против сите три противници во групата

Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби противниците за новата сезона во Лигата на нации, трета откако е формирано ова натпреварување од страна на УЕФА.

Нашите фудбалери во групната фаза ќе играат во Лига-Ц и во групата 4 ќе се соочат со селекциите на Бугарија, Грузија и Гибралтар, а селекторот Благоја Милевски во изјава за Спортско радио 90,3 ФМ истакна дека групата не е ни најмалку лесна и дека ги чека сериозни натпревари против квалитетни селекции.

„Групата е тешка, не можете да кажете за ниедна репрезентација дека е лесен противник или тежок, значи сите мора да ги респектирате и да влезете максимално доколку скаатае да имате позитивни резултати. Во нашата група се репрезентации кои се сериозни  и нема да има однапред запишани бодови. Нѐ очекуваат сериозни натпревари. Грузија е репрезентација против која игравме многу неизвесни натпревари во последниот период. Бугарија одигра нерешено против Европскиот првак, Италија, а тоа значи дека бележи значителен напредок, додека Гибралтар секако не е истата селекција од првото издание на Лига на нации кога се соочивме во иста група. Македонија мора да биде на највисоко ниво на секој натпревар.

Денешниот фудбал едноставно, не трпи поинаков пристап. Еден од проблемите е тоа што во јуни од 2 до 14 ќе треба да одиграме 4 натпревари, а е крај на сезона и фудбалерите ќе бидат уморни, но како е за нас така е и за другите. За разлика од тогаш кога преку Лигата на нации се пласиравме на ЕП, сега ќе биде потешко затоа што сега сме во Лига – Ц и противниците се многу посилни и квалитетни“, истакна селекторот Милевски.