Милевски: Подготвени сме за надигрување со Романија
Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски на официјалната прес-конференција на Националната арена „Тодор Проески“ ги сподели своите размислувања и очекувањата натпреварот против Романија во рамки на 6. коло од квалификациската група за пласман на СП 2022.
„Романија е многу сериозна репрезентација. Имаат квалитетни индивидуалци и доаѓаат во добар момент за нив. Но, ние сме сконцентрирани на нашата игра и како треба да изгледаме на терен. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од тој во Букурешт. Не мислам дека е одлучувачки за нашето место во квалификациската група. Се надевам дека до крајот ќе бидеме во игра за второто место. Фудбалерите се мотивирани и подготвени за надигрување. Јас сум задоволен од начинот на кој ги одигравме двата натпревевари. Со само два-три тренинзи сите тактички задолженија ги одработија на одличен начин и ова е правецот кон кој треба да се движиме и во иднина. Единствениот проблем со Исланд беше нашиот психолошки момент, но работиме и на тој аспект. Се друго, технички-тактички беше на високо ниво и со многу дисциплина. Фудбалерите сега имаат поинаков начин на работа и задолженија, ги прифатија на најдобар начин и им оддавам признание за тоа. Натпреварот со Романија ќе биде исто така во висок ритам, напорно е да се издржат три натпревари во краток период, но јас сум убеден дека момците ќе дадат максимум и ќе бидеме подготвени за натпреварот. Важно е дека сите се здрави и сите конкурираат за место во тимот.“ – вели Милевски.