Милевски: Подготвени сме за ова што следува, да уживаме и да ја исполниме целта

Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер (20:45 часот) го игра последниот натпревар од квалификациите за СП 2026. Доколку успееме да избегнеме пораз на гостувањето во Кардиф против Велс, ќе го обезбедиме второто место во групата и ќе добиеме на хартија полесен противник во плејофот за пласман на Мундијалот.

Селекторот Благоја Милевски е убеден дека тимот има сила да се справи со предизвикот и да ја оствари поставената задача.

„Подготвени сме за ова што следува. Нѐ очекува натпревар што решава многу, но мојата порака до играчите е да го одиграат со уживање. Велс е силна репрезентација со одличен селектор, но двете екипи се практично исти како на првиот меч во Скопје. Имам доверба дека ќе дадеме вистински одговор и дека ќе ги реализираме нашите цели“, истакна селекторот Благоја Милевски на прес – конференцијата пред натпреварот.