Милев се повлече од сите свои функции во ОК Струмица

По внимателно размислување Владо Милев одлучи да се повлече од клубот – и како претседател, и како играч. Оваа одлука е донесена во согласност со неговите принципи и визија, прифаќајќи дека продолжувањето на соработката со дел од управата, со различни вредности и пристапи, не е во согласност со тие принципи, соопштија од ОК Струмица долгогодишен македонски одбојкарски шампион и освојувач на купот.
Во соопштението се наведува дека репрезентативецот Милев е дел од генерацијата која го оствари најголемиот успех во историјата на македонската одбојка и потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија.
– Под негово водство, клубот секоја година е шампион во сите категории – пионери, кадети, младинци и сениори, постигнувајќи континуитет на успех што е реткост во спортот. Владо го реализираше и еден од најголемите проекти во историјата на македонската одбојка – соработката со „Jastrzębski Węgiel“, европски и полски шампион, проект кој ретко кој клуб може да го повтори. Благодарение на ова, младите играчи имаа можност да тренираат со врвни играчи, да видат како се игра во елитата, а тренерите на клубот добија едукација од највреднуваните тренери во светот, знаење кое веднаш го применуваа во клубот, со резултати во сите категории, стои во соопштението на клубот.
Се додава дека се што Милев постигнал со клубот е трајна вредност и сведоштво за трудот, посветеноста и интегритетот со кои го водел клубот, а ОК Струмица му изразува огромна благодарност за сè што направил – за играчите, за тренерите, за младите, за градот и за македонската одбојка.