Минесота доби нови сопственици

Американските НБА тимови Минесота Тимбервулвс и Минесота Линкс добија нов мнозински сопственик, нешто повеќе од една година откако Марк Лор и Алекс Родригез ја презедоа контролата врз франшизите.
Според Шамс Чаранија од ЕСПН, американскиот бизнисмен Марк Стад го финализираше договорот со кој станува најголем акционер и сопственик со контролен удел во двете франшизи. Стад ќе го откупи поголемиот дел од сопственичкиот удел на Марк Лор, а трансакцијата ги вреднува Тимбервулвс и Линкс на дури 4,5 милијарди долари.
Основачот на инвестициската компанија „Dragoneer Investment Group“ веќе беше значаен малцински сопственик во рамките на групацијата на Лор и Родригез, а новиот договор беше постигнат по неколкумесечни преговори.
И покрај големата промена во сопственичката структура, не се очекуваат моментални промени во функционирањето на клубот, бидејќи Стад, Лор и Родригез ќе продолжат да соработуваат, задржувајќи ја постоечката раководна структура.