Министерството за спорт порано од планираното ги завршува недовршените базени

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во градежните активности за завршување на базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, еден од проектите кои се закочени со години. Иако проектите за доградба на базените кои четири години стојат како ругло во општините низ Македонија беа најавени за следната година, со заложба на Министерството за спорт, работите отпочнуваат веќе денеска.

„Драго ми е и многу сум горд што конечно најдовме решение за нешто што беше запоставено четири години. Најдовме заеднички јазик со операторите и отпочнуваме со работа и порано од она што го планиравме. Сите пет базени кои беа отпочнати од претходната власт и оставени, ќе бидат завршени до крајот на летото“, изјави министерот Борко Ристовски.

Станува збор за пет базени отпочнати од поранешната Агенција за млади и спорт и оставени недовршени. Тоа се: базенот во ООУ „Даме Груев“ во Битола, базенот во ООУ „Санде Штериоски“ во Кичево, базенот во населеното место Суитлак во Штип, базенот во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров и базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во општина Кисела Вода.

„Од моментот кога станав градоначалник на Општина Кисела Вода постојано упатував прашања до тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, во повеќе наврати барав да видиме до каде е процесот и зошто е настанат застојот, кога ќе продолжат активностите, но немаше никакво придвижување напред. На мое задоволство, со актуелниот министер Борко Ристовски, низ низа проекти, а и со денешниот, покажавме дека со ефикасна соработка и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина. Овој базен, чија изградба ќе биде завршена кон крајот на мај, ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди и ќе им служи пред се’, на учениците, спортистите, но и на сите граѓани“, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Базенот во ООУ „Невена Георгиевска Дуња“ е од затворен тип со должина 25 метри, ширина 9 метри и длабочина 1.2 метри односно 0.8 метри – останатиот дел. Наменет е првенствено за образовниот процес, да го користат децата од училиштето за едукација, обука и пливање, а потоа и сите останати граѓани.