Минхен 1860 исфрлен во четврта лига поради финансиски проблеми

Познатиот германски фудбалски клуб Минхен 1860 се соочува со тежок удар откако Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) му ја одби лиценцата за настап во Третата лига за претстојната сезона. Клубот не успеал навреме да ги достави потребните докази за финансиска стабилност, што значи дека популарните „Лавови“ повторно ќе играат во Регионалната лига Баварија, четвртиот ранг на натпреварување.
Ова не е првпат клубот да се најде во ваква ситуација; во сезоната 2017/18 веќе настапуваа во истата лига по еден од најтешките периоди во нивната историја. Главниот проблем, според достапните информации, лежи во неисполнетите финансиски обврски на еден од сопствениците на клубот, Хасан Исмаик, како и на компаниите поврзани со него. Поради ова, Минхен 1860 не успеа да ги обезбеди неопходните средства за затворање на буџетската конструкција.
На клубот моментално му недостасуваат дури 2,7 милиони евра, сума која беше пресудна за одбивањето на лиценцата од страна на ДФБ. Овој развој на настаните претставува огромен удар за клуб со богата традиција, кој во минатото бил шампион на Германија, освојувач на националниот куп и долгогодишен член на Бундеслигата.
Во последните години, Минхен 1860 води тешка битка да се врати на старите патеки на успехот, но најновиот финансиски проблем дополнително го комплицира тој пат. Навивачите и управата сега се соочуваат со предизвикот да го стабилизираат клубот и да најдат начин да се вратат во професионалните лиги.