Мирчевски двоен стрелец, Силекс лесно го надигра Работнички

Силекс славеше убедлив триумф над Работнички од 0-3, во 16. коло од Првата фудбалска лига. Со тоа, кратовци ќе презимат на четвртата позиција со 31 бод, додека клубот од Дебар Маало останува на претпоследното место, со само седум освоени поени.

Двоен стрелец за Силекс беше Мартин Мирчевски, а погоди и Дарко Додев, сите три гола беа постигнати во првото полувреме.

Во осмата минута се обиде Тимовски од слободен удар, а Василев успеа да одбрани. Но, само две минути подоцна Силекс дојде во водство.

Огромно недоразбирање меѓу голманот Васко Василев и одбраната на Работнички, тоа го искористи Мартин Мирчевски и со лоб удар ја погоди мрежата на домаќинот.

Во 13.минута Мирчевски искористи уште едно невнимание и зголеми на 0-2.

Димитар Трајков имаше можност да го врати Работнички во живот, влезе во убава шанса, но Љупчо Џеков го одбрани неговиот удар.

Во 43.минута, Дарко Додев доби одлична топка од Илија Донов, влезе во шеснаесетникот откосо од левата страна и рутински погоди во спротивниот агол.

Работнички во второто полувреме се обиде да стигне до почесен погодок, но не успеа, а во Силекс беа задоволни од тоа што го сторија во првите 45 минути.